Кога ќе дојдат роботиве да не убијат? Па, за едно дваестина години.

Точно дека редовно му се обраќаме на лаптопот со “цркни говедо сега ли најде”, ама на никој не му е стварно страв дека лаптопот ќе му се потерминатори. Сепак со години сме бомбардирани со шпекулации дека роботите доаѓаат, суперинтелигенцијата ќе се појави, сингуларитетот е неизбежен, нема да можеме да ги контролираме машините и сите ќе умреме. Еве пример овде и овде. Пред некој месец и Стивен Хокинг ни замафта со прст да пазиме што правиме, да не ни бил Цацко после крив. Помалку екстремните тврдат дека добро може нема да не убијат, ама ќе ни станат шефови, секако за едно дваесет години. Без разлика на се ова, за жал или за среќа, постојат само два вида интелигентни машини: митски суштества и многу добри, но безопасни, правосмукалки. Додека првите не постојат, вторите се инхерентно неспособни за мајмунлаци, макар и глумеле дека се единаестогодишници.

Митски суштества одсекогаш постоеле, претпоставувам за релаксација од баналноста на реалните демони со кои што мора да се расправаме секој ден. Дека роботите се дел од нашата фантазија исто колку и самовилите и вампирите е некако помалку познато. Некако е лесно да се верува дека еден убав сончев ден, некаде, некако, во некоја зла државна ќелија, некој Хал ќе затрепка со ламбичките, ќе пушти искра налево, ќе се освести ќе не сотре. Зошто магичната бројка за овој настан е секогаш дваесте години, е стварно незнам.

Првите опишани роботски прислужници се механички триподи, по нашки троножни столчиња, нешто како механизирани послужавници кои се тркалаат наоколу и ги служат боговите, според Хомер (не Симпсон). Следни по старост на пишан запис се Голем статуите што се движат во еврејската митологија. После следи Тик-Ток од Франк Баум во земјата Оз во 1907 и уште неколку други, инспирирани од парни машини и генерално индустриската револуција.

Никој сеуште никого не убива. Идејата дека роботите ќе не убијат е воведена заедно со именката која ги означува овие суштества . . . во источна европа. Коинциденција? Робот како заеднички назив е измислен од Карел Чапек, почно брат му. Чапек пишува драма во која роботи се механички суштества кои се јаднички сурово експлоатирани и кои нели како сите сурово експлоатирани суштества се возигаат во востание и ги убиваат своите господари. Робот како збор значи тоа што на нас ни значи, некој кој робува, работи.

Чапековите роботи се првите кои се експлоатирани и се одмаздуваат за тоа, секако не последните. Ова е многу честа тема во научната фантастика, како во на пример Матрикс или Батл Стар Галактика. Така, пред да постои вештачката интелигенција како поим, се појавува роботот како поим и како предупредување да не се занесуваме. Човештвото оддамна очекува дека роботите ќе изгледаат како нас и ќе се однесуваат како нас и следствено неизбежно е дека ќе бидат и одмазнички крволочни кретени, исто како нас.

Вештачка интелигенција како наука, поточно како термин, е “измислена” во 1956. Ентузијасти како што само родители на бејби бумери можат да бидат, подвознесени од (привидно) огромниот напредок во технологијата и науката во тоа време, татковците на вештачката интелигенција очекуваат дека многу брзо, за едно дваесет години, ќе го решат проблемот на интелигенција и ќе можат да направат машини ефикасни како луѓе ама далеку поефтини. Тие поточно се концентрираат на решавање логички проблеми, играње шах, автоматизиран превод и слични работи. Разно разни владини агенции за развој им фрлаат вреќи пари, ги отпуштаат домашните прислужнички, и трпеливо чекаат да им биде испорачан првиот модел. Секако минаа години, резултати нема и парите секнуваат. Мрак врз секакови истражувања во вештачка интелигенција кој трае од 1974та до 1980та.

Од 1980та нов ентузијазам и ветување дека, минатиот пат згрешивме ама еве сега нема. Нема да измислуваме цел робот, ќе се концентрираме само на софтвер. Ветувањето e експертски системи кои ќе го чуваат целото знаење од една област и ќе одговараат на секакви прашања од таа област. Рокот на испорака секако е за едно дваесет години. Приказната со експертскиве системи е иста како и таа со алхемичарите и златото - откривме како да направиме злато од други материјали, ама методата ни е поскапа од рударење, па си продолживме по старо. Повторно мрак врз вештачка интелигеницја кој трае од 1987 до 1993.

Од кога Deep Blue го победи Гари Каспаров, има нова надеж дека ќе измислиме некоја интелигенција која ќе не убие. Со секој нов напредок во механизирање излегува по едно стадо натписи за тоа како кај и да е за дваесет години ќе имаме вештачка интелигенција која ќе не убие или остави без работа.

Премногу несексуљав за жолт печат е начинот на кој вештачка интелигенција воскреснува од земјата на мртвите науки. Уште после првата смрт во седумдесетите, станува јасно дека единствен начин на кој може да се постигне прогрес е со фокусирање на ептен специфични проблеми. Роботот правосмукалка може да биде способен само за одстранување прашина, не за отстранување прашина и пишување поезија. Авто пилотот може да управува со авионот се додека се оди како што треба, но штом еден сензор е малку матен одма се откажува. Автономното возило може да вози само на познат, добро обележен пат. Преведувачот на Google спојува фраза од еден јазик со фраза од друг јазик, со статистички методи не со логика како што се очекува во седумдесетите, ама неможе да ти одговори на прашања за тоа што го превел.

За да се реши еден проблем со машина треба да се решат два проблема: ем проблемот, ем контекстот во кој проблемот се јавува. На пример, за Гари Каспаров, шах во маало на клупи и шах со Deep Blue е еден те исти шах. За Deep Blue шах во маало на клупи и шах со Гари Каспаров се два различни проблеми. Ако на Гари му речеш да игра шах со мала модификација, коњот оди цик цак наместо во Г, Гари ќе може да одигра без проблем. Deep Blue ќе бара едно година дена дополнително програмирање, моја слободна процена. Вештачка интелигеницја која е развиена до степен да функционира за комерцијална употреба, за жал, се вика софтвер, хардвер или релативно автономен систем.

Шеесет години вештачка интелигенција ни укажуваат дека луѓето всушност се многу неоптимални суштества. Одење на две нозе и куцање со десет прсти (или со два ако се прашува една моја колешка) не е најдобриот начин да се помине пат или да се произведе текст. Единствено за што не бива е адаптација. Зошто би правел човеколик робот ако се што ти треба е да ти се помине со правосмукалка два пати неделно. Легендата вели дека кога Алан Тјуринг го прашале дали машините можат да мислат, тој одговорил дека на бесмислени прашања нема намера да коментира. На инсистирање да се дообјасни, одговорил дека го прашуваат да го најде центарот без да му кажат на што, па кој нормален би влагал во таква дискусија.

Компјутерите не ги бива за адаптација, ама ги бива за манипулирање симболи (замени три нули со две единици) и тие тоа можат да го прават многу поефикасно од кој било човек, бебе, животно или растение. Многу проблеми можат да се решат со манипулирање на симболи ама автономија не е еден од нив. Може ли да очекуваме робот да не убие? Може, само ако човек го создаде за да го стори тоа. А такви машини веќе имаме и обично не е интелигенција тоа што им се тркала во главата.

Ако работно место ти се состои од мал број на активности кои се повторуваат, да секако, кај и да е ќе стане поефтино да се направи машина да те замени. За сите други евентуалности, се додека е позабавно и поевтино да се направи едно дете наместо илјадници посебни машини, безбедни сме.